СЈО го „пребројува“ Милошоски

LinkSense.mk

Специјалното јавно обвинителство истражува дали поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски поседувал авион.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ на својот фејсбук-профил објави документи од предистражната постапка, со кои Специјалното јавно обвинителство од надлежни органи бара податоци за тоа дали е сопственик на авион и на други фирми.

Тој објави и факсимили од барањата на СЈО испратени до две институции, што предизвика реакција од Специјалното обвинителство.

Од СЈО потврдуваат дека водат повеќе предистражни постапки кои за цел имаат спроведување финансиски истраги против поголем број на физички и правни лица.

Целта на овие предистражни постапки е да се провери имотната состојба на сите лица за кои се отворени постапки и нивното севкупно финансиско работење.

Проверката на имотната состојба подразбира детални проверки за целокупниот имот што може да го поседуваат лицата, и тоа како недвижен така и подвижен имот, додаваат од обвинителството.

„СЈО продолжува со нарачаниот притисок врз неистомисленици на аболираниот. По моите настапи на ’Топ тема’ контра Оливер С. и во Собранието против Заев, прво стигна предупредување од пратеник од СДСМ дека многу зборам, а сега и истрага од Катица Јанева, која ги бара моите авиони и фирми кои ги немам! Само продолжете, нема да не замолчите!“, напиша Милошоски и објави факсимили од писма од СЈО испратени до две институции.

Специјалното обвинителство од Агенцијата за цивилно воздухопловство бара податоци за тоа дали Милошоски од 1 јануари 2008 година до 31 декември 2015 година бил сопственик или корисник на воздухоплови.

Од Агенцијата се бара, доколку Милошоски е регистриран како сопственик или корисник на воздухоплов во периодот од 2008 до 2015 година, да им бидат доставени детални податоци за леталото, како и документација врз која основа е стекнато.

Барањата се поднесени на 31 март годинава.

Податоците се бараат во рок до пет дена, во спротивно е наведено дека јавниот обвинител може да му предложи на судот да изрече парична казна во висина од 2.500 до 5.000 евра за одговорното, односно службеното лице.

Од Централниот регистар, пак, за истиот период се бара преглед на правни лица каде што Милошоски бил сопственик, управител или овластено лице.