СЈО ја „руши“ империјата на Камчеви

Предводник на „Империјата“; Јордан (Орце) Камчев
LinkSense.mk

Судија на претходна постапка утринава околу 2 часот им одреди мерка притвор од по 30 дена на Јордан Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски, петмина од вкупно 12 осомничени во новата истрага на Специјалното јавно обвинителство насловена со кодно име “Империја”.

Мирчевски е директор на „Ексико“, контроверзната оф-шор компанија, Панделески е директор на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ и газда на „Пелистерка“, Јосифовски е соработник на Камчев, а Арсовска е сметководителка во неговите фирми.

Зад решетки и земјопоседникот и газда на Пелистерка; Цветан Панделески

 

Вчера СЈО информираше дека почна истрага против петнаесет лица, против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

За петнаесетминава постои основано сомнение дека сториле злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измами и перење пари и други приноси од казниво дело.

Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлегло основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.

Вчера СЈО, во соработка со МВР, изврши 12 претреси во домови и фирми сопственост на петнаесетте осомничени.