„Тарифа“ и „Тенк“, нови истраги на СЈО

Специјалното јавно обвинителство отвори две нови истражни постапки, „Тарифа“ и „Тенк“, во кои девет лица се осомничени за злоупотреба на службената должност.

Под лупа на Обвинителството се јавната набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ, како и набавката на премиерскиот „мерцедес“ вреден близу 600.000 евра

Во првиот случај се осомничени седум лица во АД ЕЛЕМ.

Осомничените овозможиле правното лице–конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Вредноста на договорот за јавна набавка била преку четири милиони евра.

Дополнително била причинета и штета од 456 илјади евра, откако осомничените одобриле исплати на пари на име лиценци за одржување на софтверот, иако услугата никогаш не била извршена, бидејќи системот не бил имплементиран.

Постои сомнение и дека иако едно правно лице од конзорциумот било овластен субјект за набавка и имплементација на модулот за менаџмент на документација, сепак набавка на ваквиот модул била направена преку други правни лица со посебен договор.

Модулот бил предвиден во понудата на конзорциумот и за него не била потребна посебна набавка.

Покрај тоа, едно од осомничените лица издало сертификат за оперативно прифаќање на модулот, иако постојат писмени докази дека модулот не бил ставен во функција, па врз основа на сертификатот дел од осомничените лица одобриле исплати во износ од 16.800 евра.

Од собраните докази произлегува дека набавениот систем во значителен дел не е имплементиран, иако до сега вкупно се исплатени околу 3.700.000 евра, а согласно Договорот за јавна набавка, системот требало да се имплементира до 11 февруари 2013 година.

Во втората истражна постапка насловена како „Тенк“, се опфатени две лица заради злоупотреба на службената положба и овластување.

Она за кои се сомничат се случило во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година.

Дополнително, постои сомнение дека било постапено спротивно на член 36 од Законот за јавните набавки, поточно во тендерската документација имало повеќе технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство и трговски марки со цел фаворизирање на определен економски оператор, без да биде наведено дека можат да се дадат и понуди со други спецификации кои се еквивалентни на наведените во тендерската документација.

Второосомничениот, наведуваат од СЈО, во постапка по јавни набавки иако бил свесен за незаконското привилегирање на определен економски оператор, донел одлука за избор на најповолна понуда и склучил договор за јавна набавка на возило на износ од 29.852.542 денари и ДДВ во износ од 5.373.458 денари, или околу 572.7800 евра.