Тачи: Бараме да има заменик премиер Албанец

Мендух Тачи, лидерот на Демократската партија на Албанците, кој е и носител на листата за пратеници во Шестата изборна единица, вечерва на митингот во Тетово им се заблагодари на тетовци за поддршката што секогаш и ја давале на ДПА.

Тачи рече дека кога на ДПА и било најтешко, во Тетово добивале најголема поддршка и дека Тетово ја одржувало во живот ДПА.

На собирот одржан во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ Тачи се осврна на нивното залагање во оваа кампања.

„Бараме да има еден заменик премиер Албанец со право на вето, односно, да мора да има и негов потпис за да помине важна одлука на владата“, рече Мендух Тачи.

Овој принцип, објасни, ќе функционирал како што сега морало да има два потписа, од заменик министерот и дополнителниот заменик министер.

Тој ја критикуваше Демократската унија за интеграција за која рече дека за време на својот мандат не направила ништо за Тетово.

На собирот на ДПА во Тетово зборуваа и Бардиљ Даути и Мерале Ферати.