Ташевска-Ременски: Завршува блокирањето на напредокот на државата

LinkSense.mk

По цели десет години добивме вистински претседател на сите граѓани избран на слободни, фер и демократски избори. Убедени сме дека претседателот Пендаровски ќе води напред, ќе биде водилка на напредокот, развојот и интеграцијата во ЕУ и НАТО и гарант на процесите кои обезбедуваат сигурна и стабилна иднина, изјави пратеничката од СДСМ и потпретседател на Собранието Фросина Ташевска-Ременски по обраќањето на новиот шеф на државата во Парламентот.

Истакна дека меѓу првите чекори кои ги очекуваат е Пендаровски да ги потпише блокираните закони кои, како што рече, се исклучително важни за граѓаните.

Нагласи дека зад Пендаровски застанале граѓаните од сите етнички заедници во земјава и дека тоа е демократска вредност што го јакне заедништвото. Додаде дека очекува дека со неговиот избор тој да ги обединува и да ги сплотува граѓаните.

-Претседателот Пендаровски треба да биде коректив на власта, да укажува на евентуални грешки и со своето делување да биде пример за домашната и за меѓународната јавност. Со неговиот избор се заокружуваат демократските промени во нашата земја-режимот е целосно поразен. Се става крај на едно цело лошо извршување на мандатот, претседател на државата, заврши едно негативно поглавје од нашата историја обележано со молк за важните прашања, промовирање поделби помеѓу граѓаните, тензии, дискриминација и поддршка единствено на криминалните политики на режимот, истакна Ташевска-Ременски.

Истакна дека изборот на Пендаровски за претседател значи и крај на уништување на угледот на државата, правниот систем и демократските процеси, и како што рече, завршува блокирањето на напредокот на државата на патот кон ЕУ и НАТО.

На новинарско прашање зошто на инаугурацијата денеска не присуствуваше премиерот Зоран Заев, Ташевска-Ременски одговори дека тој веќе ги образложил причините кои се оправдани, а на прашањето зошто не бил поканет лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, таа рече дека ја почитувале востановената протоколарна практика во Собранието според која на вакви седници не се покануваат лидери на политички партии.