Тајланд: Пештерата Там Луанг станува музеј

LinkSense.mk

Пештерата Там Луанг каде што се одвиваше драмата со спасувањето на 12-те млади фудбалери и нивниот тренер не само што ќе биде овековечена во холивудски филм, туку ќе стане и музеј кој веќе е прогласен за една од идните најголеми атракции во Тајланд.

Музејот ќе стане „жива сцена“ на она што се случуваше во мрачните лавиринти во текот на една од најризичните нуркачки операции за спасување.

Клопчето со приказната за тоа што навистина се случуваше со групата млади „заробеници“ сега почнува да се одмотува.

Тие, пред доаѓањето на спасувачките екипи, проведоа девет дена во темницата на пештерата, и сега откриваат како преживеале. Ги пиеле капките вода од ѕидовите на пештерата и јаделе по малку од роденденската торта што ја носеле со нив, но клучот на преживување лежел во одржувањето на присебноста, а за тоа најзаслужен бил тренерот.

Тренерот, кого го викаат Аке, не многу постар од нив, успеал со вежби за медитација да ги смири и да ги увери дека ќе преживеат и ќе бидат спасени во текот на 17-те денови во поплавената пештера. Поранешниот будистички монах, Аке, техниките на медитација ги користел и заради што помалку корстење на воздухот во пештерата.

А кога после девет дена стасал спасот, во прв план избило едно од децата, Адун Сам Она, чие знаење на англиски јазик било клучно за комуникација со британските „фоки“.