ТВ Нова непрофесионално известувала за насилствата во Собранието

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изврши вонреден надзор на „Телевизија Нова“ и на нивното известување во врска со настаните во Собранието кои се случија на 27 минатиот месец.

Анализирани се два информативни блока, првиот „Дневен бриф“ во 18.17 часот кое го водела новинарката Бојана Димитријевска и „ТВ Нова вести“ од 21.35 часот кое го водела Билјана Василева-Трендафилова.

За надзорот, односно за начелата за професионално известување АВМУ изготви предмет.

„Спротивно на член 61, став 1 алинеја 9 од Законот за аудио и аудиовизуени медиумски услуги, програмскиот сервис Трговско радиодифузно друштво „Телевизија Нова ДООЕЛ Скопје“, на 27 април 2017 година, при известувањето за случувањата во Собранието на Република Македонија, не ги почитуваше професионалните начела за вршење на дејноста, односно не обезбеди објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно мислење на публиката за одделни настани и прашања“, стои во писмениот извештај за извршен програмски надзор на АВМУ.

Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, предложил писмено да и се укаже на Телевизија Нова, дека со програмата емитувана на 27 април 2017 година ги прекршила начелата за вршење на дејноста, согласно член 61.