Теарце не го смени составот во Парламентот

На денешното прегласување во Теарце, на избирачкото место 2011, СДСМ освои 245, а ВМРО-ДПМНЕ 149 гласови.

Коалицијата „ВМРО за Македонија“ освои 2 гласа, а по еден глас имаат ДУИ, ДПА и Алијансата за Албанците.

Избројани се 312 неупотребени гласачки ливчиња.

Иако тензичен, денот на преггласување протече релативно мирно и без инциденти.

„Ова е симболично гласање. СДСМ ќе ја формира новата влада. Доста беше страв од иднината. Граѓаните на тетовско Теарце исто како и сите гласачи на Македонија избраа добра иднина. Ќе има одговорна Влада која ќе ја воведе демократија во земјава“, изјави вечерва носителот во шестата изборна единица од Коалицијата „За живот во Македонија“, Петре Шилегов.

На избирачкото место 2011 во Теарце во Избирачкиот список се запишани вкупно 714 гласачи.

На 11 декември на гласање излегоа 404 од кои 91 гласаа за ВМРО-ДПМНЕ, 87 за СДСМ, 65 за Беса, 64 за ДПА, 53 за ДУИ, 25 за Алијансата на Албанците и по еден за ВМРО за Македонија и за Коалицијата за промени и правда – Трет блок.

Во Изборната единица 6 според првичните резултати на ДИК, најмногу гласови 40.599 освои ДУИ, потоа следи ВМРО-ДПМНЕ со 26.135, СДСМ со 25.828, Беса со 25.054, Алијанса за Албанците 17.970, ДПА 16.225, ВМРО за Македонија 919 и Коалицијата за промени и правда – Трет блок 239.

Според добиените гласови, најмногу пратеници, односно 6 освои ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ 4, Беса 3, СДСМ 3, Алијанса за Албанците и ДПА 2.