Тежок удар на мафијата во Италија: Осудени 70 членови на Ндрангета

LinkSense.mk

Италијанскиот суд осуди 70 членови на моќната криминална група Ндрангета во првата фаза од најголемото судење на мафијата од крајот на осумдесетите. Тие се соочија со низа обвиненија, вклучувајќи и обид за убиство. Во текот на следните две години, 355 припадници на Ндрангета и корумпирани функционери ќе бидат изведени пред лицето на правдата заради вмешаност во работите на најбогатата и најмоќната италијанска организирана криминална група.

Истрагата траела неколку години, а заврши со полициски акции во декември 2019 година.

Ндрангета е голема криминална мрежа која се состои од околу 150 фамилии. Ова судење цели на само една од нив, фамилијата Манкузо. Долгото обвинение вклучува дрога, убиство, обиди за убиства, изнудување, заплашување, одавање на службени тајни и злоупотреби на службените положби и овластувања.

Наводниот шеф на групата, Луиџи Манкузо (67), кој го има прекарот „Вујко“, и поранешниот сенатор Џанкарло Пители (68), за кого обвинителите тврдат дека му е доушник, ќе се соочат со долги судски процеси.

Судијата Клаудио Парис ги прочита пресудите на 91 обвинет во големата судница во градот Ламеција Терме, во Калабрија, на југот на земјата. Таму, од јануари годинава, се водеше таканаречениот „Макси процес“, во кој на стотици лица им се суди заради домнение дека припаѓаат или соработуваат со Ндрангета. Вклучени се и стотици адвокати и безмалку илјада сведоци.

Обвинетите се определија за брзо судење кое им овозможува да им се намалат казните за една третина ако бидат прогласени за виновни. На шестмина судиите им изрекоа максимални казни од по 20 години, колку што бараа обвинителите. Ослободени од обвинение се 21 лице.

Случајот го води Никола Гратери, еден од најугледните италијански главни обвинители за борба против мафијата. Гратери со децении се бори против италијанските криминални групи, заради што повеќе од 30 години живее под полициска заштита. Тој годинава вети дека ќе ја уништи „загушливата Ндрангета“ која, како што се изрази, „на луѓето им го одзима здивот и им го забврзува отчукувањето на срцето“.

Ндрангета стана позната во широката јавност после макси судењата во доцните осумдесети години, кои значително ги ослабија сицилијанските мафијашки фамилии Коза ностра.

Групата е вклучена во широк спектар на илегални активности, но е специјализирана за трговија со кокаин и се верува дека контролира околу 80 отсто од европската трговија.

 

 

 

(Фото: АП)