Тензично е на границата меѓу Србија и Косово; Возот за Косовска Митровица ги „наполни пушките“

Возот кој после 18 години утринава тргна од Белград за Косовска Митровица запрен е после пладне во Рашка поради најавите дека крај шините на делницата што минува на косовска територија е поставен експлозив.

Возот е вратен назад за Балград, а патниците со организиран автобуски превоз се префрлени од границата до Митровица.

Припадници на специјалните единици на косовската полиција, од Одделот за антитероризам, почнаа проверка на четириесет километарската пруга од административната граница до Косовска Митровица.

Силни полициски сили на косовската полиција и припадници на РОС се распоредени во местото Долно Јариње низ кое требало да помине возот.

Премиерот на Србија Александар Вучиќ обвини дека Албанците и нивните специјални сили сакале да ги уапсат машиновозачот и патниците и да предизвикаат судири.

Официјална Приштина, пак, реагира на, според нив, неприфатливите национални обележја на возот што биле во спротивност со Уставот на Косово.

И во Белград и во Приштина, заради тензичната ситуација на границата меѓу Србија и Косово, ноќва се свикани седници на Советите за национална безбедност.

aleksandar-vucic

„Србија сака мир, но ова е моја последна молба за сите. Мојата порака за Србите е дека треба да останат на своите огништа, а мојата молба за Албанците е да не се обидуваат да го нападнат српскиот народ на Косово и Метохија затоа што Србија тоа нема да им го дозволи. Тоа е се што на цел свет имам да го порачам“.

Вака доцна попладнево, во вонредното обраќање по повод ситуацијата на Косово, на јавноста во Србија и се обрати премиерот Александар Вучиќ, кој нагласи дека Приштина за малку ќе предизвикала војна поради возот.

„Утринава за Косовска Митровица од Белград тргна воз, повторувам воз, а не тенк или оклопно возило, кој треба да ги спои луѓето и градовите во складот со принципите на меѓународното јавно право, законите на сите земји во светот, и во рамки на највисоките вредности и стандарди на Европската унија“, истакна Вучиќ во своето обраќање.

„Возот тргна на пат, а веднаш потоа почнаа да се случуваат речиси неверојатни работи. Морам да ве информирам дека ние вечерва дознавме дека Албанците, нивните специјални сили, се обиделе да минираат дел од пругата.
Испратиле свои единици, единица составена само од Албанци од местото Лужане. Ги испратиле со долги цевки во Јариње, каде што требало да го сочекаат возот, да го уапсат машиновозачот, да ги уапсат и патниците од возот. Србите кога виделе што подготвуваат Албанците, се собрале и ја опколиле албанската единица од Лужане. Албанците без чие било одобрување испратиле 17 блиндирани возила од типот „кобра“ со припадници на РОС на северот на Косово со желба да испровоцираат судир. Мојата одлука во тој момент беше, и со тоа се гордеам, да го запрам возот во Рашка за да ги сочувам слободата и животите на нашите луѓе, наведе Вучиќ.

Српскиот премиер, меѓу другото, рече и тоа дека возот со патници не може да биде закана за безбедноста.

Тој посочи дека побарал итна средба со неколку државници, дека веќе разговарал со Федерико Могерини, и дека за овој случај имал намера да ги запознае раководствата на Русија и Кина, а ќе се обиде да стапи во контакт и со Џозеф Бајден па и него да го запознае со „воените игри“ на Приштина.

Хашим Тачи ги повика надлежните институции во Приштина со законски мерки да го запрат возот кој тргна за Косовска Митровица поради, како што наведе, неприфатливите национални обележја што се во спротивност со Уставот на Косово.

Hasim-Taci

Тачи наведе дека во тој воз се и официјални лица на Србија кои не добиле дозвола за влез на Косово.
„Косово ја почитува слободата на движење на луѓе и стоки. Меѓутоа, влегување на воз со националистички пароли од Србија, потполно е неприфатлив. Во тој воз има и патници и високи српски функционери кои немаат добиено дозвола за влез на Косово според процедурата што е на сила“, рече Тачи.

Косовската министерка Едита Тахири од ЕУ побарала да се забрани влезот на возот затоа што, оценува таа, Београд со тоа го дестабилизира Косово.

Косовската полиција ја проверува пругата на северот на Косово после објавувањето на видео снимка на која се гледа како непознати маскирани лица поставуваат мина крај шина и закана дека експлозивот е наменет за возот кој тргнал од Белград кон Косовска Митровица.

Судејќи според снимката, која првично била поставена на Фејсбук страницата на „Една нација“ (Nje kombi), не е можно да се процени каде е поставен експлозивот.

Ако се утврди дека заканата е вистинска, тоа ќе биде втор бомбашки напад на пругата на северот на Косово.

Двајца Албанци, припадници на Косовскиот заштитен корпус, загинаа во 2003 година при обид да постават експлозив кај железничкиот мост во близина на Звечани.

Со истрага беше утврдено дека Хамза Бехрами и Исљам Бериша биле припадници на Албанската национална армија, која тогашниот шеф на УНМИК, михаел Штајнер, после тој инцидент, ја прогласи за терористичка организација.

Kosovo 1

Возот од Белград утринава во 8.30 часот тргна за Косовска Митровица.

Следната композиција, според возниот ред, е на 20 јануари.

Возот треба да сообраќа до 26 февруари, после што ќе биде одлучено дали тоа ќе стане редовна линија.

Врската меѓу Белград и Косовска Митровица е воспоставена како продолжение на постоечката линија меѓу Краљево и Косовска Митровица.

Воз полн со икони

voz 113

Кралицата Симонида од Грачаница, Свети Симеон и Свети Никола Чудотворец се само некои од 23 фрески што заедно со написи со историски податоци од Грачаница и Печката патријаршија, на српски и англиски јазик, ги „красат“ вагоните на возот кој треба да сообраќа од Белград до Косовска Митровица.

воз

На едната страна од композицијата на мотиви на српската тробојка се испишани имињата на сите манастири на Косово, а на другата е реченицата „Косово е Србија“ на 21 светски јазик.

Идејата за поставување на фотографии во вагоните не е со воодушевување прифатена од сите граѓани.

Има многу примедби дека местото на иконите е во црквите, а не во превозните средства.

voz 111

voz 112