Пет лица загинаа, а над 20 се повредени во автобуска несреќа на автопатот А9 кај Лајпциг на истокот на Германија, јавија германските медиуми. Неколку лица се со исклучително тешки телесни повреди.
„Во несреќата загинаа пет лица“, потврди за „Билд“ полицискиот портпарол Олаф Хопе.
Како што соопшти полицијата, повредените се згрижени и се прават подготовки за извлекување на автобусот.
Сеуште нема информации за идентитетот на загинатите.
Полицијата соопшти дека несреќата се случила околу 9.45 часот.
Автобусот на „Фликсбус“ утрово во 8 часот тргнал од Берлин за Цирих, а во еден момент на автопатот свртел десно, се излизгал, удрил во дрвја и се превртел, пренесува „Билд“.
Во автобусот имало 53 патници и двајца возачи.
Полицијата на Твитер потврди дека се случила несреќа и дека пет лица го загубиле животот.
На терен се сите служби, а пет хеликоптери го надлетуваат местото на несреќата.
Портпаролот на „Фликсбус“, Себастијан Мејер, за „Билд“ изјави дека се уште не се познати точните околности за несреќата и дека соработуваат со полицијата и спасувачките служби.
Според информациите на „Билд“, во автобусот имало претежно млади патници. Според првичните наоди, во несреќата не учествувале други возила.
(Фото: Јенс Шлуетер / АФП)