Тешка сообраќајна несреќа кај Славонски брод: Десет загинати и 45 повредени

Утринава околу 6.20 часот во Хрватска, на автопатот кај Славонски брод, во близина на наплатната станица, се случи тешка сообраќајна несреќа.

Автобус со косовски регистерски таблички, сопственост на туристичката агенција „Дева Турс“, којшто патувал на релацијата Франкфурт-Приштина, излета од коловозот и се преврти.

Во несреќата 10 луѓе ги загубија животите, а четириесетина се здобија со лесни и тешки телесни повреди.

Во автобусот имало 69 лица. Од нив 67 биле патници, а двајца биле возачи.

Заменикот на државниот јавен обвинител, Славко Прањиќ, изврши увид на местото на несреќата.

Според до сега утврдените факти, се работи за слетување на автобусот на тревнатиот дел крај коловозот, на јужната страна од автопатот. Возачот на автобусот е најден на местото на настанот и е уапсен, поради постоење на сомнеж дека управувал со моторното возило на начин што не ја користел коловозната лента, заради што излетал на страна“, рече Прањиќ.

Директорот на болницата во Славонски брод, др. Јосип Самарџиќ, изјави дека во болницата од утринава се примени 45 лица кои, после тешката сообраќајна несреќа побарале лекарска помош, а осум од нив се со тешки телесни повреди.

По повод несреќата се огласи и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Со голема тага ја примивме веста за слетување на автобусот од патот кај Славонски брод во кое животот го загубија 19 лица. Во мислите сме со семејствата на жртвите и косовските власти и со народот, на кои им изразуваме најдлабоко сочувство. Се надеваме дека повредените патници ќе закрепнат“, напиша Пленковиќ на Твитер.