Трагедијата на Шапекоенсе последна во низата големи спортски несреќи

Падот на авионот во кој беа фудбалерите на бразилскиот Шапекоенсе кои тргнаа на првиот натпревар од финалето на Копа Судамерикана не е, за жал, прва голема спортска трагедија.

Сите знаеме за несреќата на фудбалерите на Манчестер јунајтед, кои после натпреварот со Црвена звезда во 1958 година доживеаја пад на авионот во Минхен.

nesreka-mancester

Тогаш настрадаа осум играчи на славната англиска екипа, на прочуените „Безбиеви бебиња“.

Ова е само една од 20 авио-трагедии кои ја обележаа историјата на спортот пред тажниот крај на бразилската сензација од Шапек.

Најмногу загинати, дури 36 играчи на американскиот фудбал, имало во несреќа што и се случила на екипата на Универзитетот Маршал враќајќи се од натпревар во 1970 година.

nesreka-marshal

Екипата е збришана од лицето на земјата, а преживеани се само помошниот тренер кој патувал со автомобил и двајца играчи кои не ни биле на гостувањето поради повреди.

Несреќата ја натера управата на Универзитетот да посегне за гасење на тој спортски програм.

nesreka-vesnik

Сепак, во текот на седницата, повеќе илјади студенти се собрале пред зградата на управата и со скандирање „Ние сме Маршал“, како на натпревар, покажале дека духот на таа екипа и понатаму живее.

Програмата е обновена, со ангажирање на средношколци, а во следната сезона тие „клинци“ во првиот натпревар, во последните секунди од него, извојуваа победа над Ксавијер.

Можеби најтажната приказна од 20-те трагедии кои и претходеа на оваа, бразилскава, во која настрада „клубот кој знае како е да бидеш мртов“, затоа што од четвртата лига се вивна до сензационален пласман во финалето на Копа Судамерикана, е таа за загинувањето на чилеанската екипа Грин Крос, во април 1961 година.

Цели 54 години трупот од авионот не бил пронајден, затоа што авионот се забил во непристапните делови на Андите.

А, тогаш, кога до остатоците на загинатите конечно се стасало, следела чувствителна „нова средба“ меѓу преживеаните и оние кои тоа не се.

nesreka-grin-kros

„Повторно сме сите заедно“ биле зборовите на еден од играчите кои ја избегнале смртта – само поради замена на билетите во последен час.

Последната голема трагедија од овој вид го задеси светот на спортот на 7 септември во 2011 година, кога 27 хокеари, два тренери и седум членови на управата на рускиот Локомотив загинаа во пад на авион во Туноша.

nesreka-lokomotiv

Еве ги сите авио-несреќи кои и претходеа на онаа што ги задеси Шапекоенсе, во кои во поголем број страдаа спортисти:

8 ноември 1948 – Во Ламанш падна авион со чешки хокеари. Петмина репрезентативци загинаа тогаш, меѓу нив и членот на Куќата на славните, Ладислав Тројак.

4 мај 1949 – Четирикратниот фудбалски шампион на Италија, екипата на Торино, страдаше во падот на леталото. Смртта ги задеси 18 играчи и четири члена на клубот.

7 јануари 1950 – Во авио-несреќа близу Свердловск, загинаа 11 хокеари од екипата на ВВС од Москва.

6 февруари 1958 – Клубот од Олд Трафорд доживеа најголема несреќа во историјата на своето постоење; осум играчи загинаа крај Минхен, во пад на авион после натпревар со Црвена звезда во Белград.

14 август 1958 – Шест египетски репрезентативци во мечување загинаа во пад на авион во Атланскиот океан.

10 октомври 1960 – Шеснаесет членови од екипата за американски фудбал од Кал Поли, Сан Луј Обиспо, настрадаа во пад на авион во Охајо.

16 февруари 1961 – Во Белгија загина речиси цела репрезентација на САД во уметничко лизгање; 18 натпреварувачи и 10 тренери.

3 април 1961 – Осум фудбалери и двајца тренери од чилеанскиот Грин Крос загинаа во пад на авион во планините Лас Ластимас.

28 април 1968 – во Тексас, во авио-несреќа, загинаа пет атлетичари и тренер на екипата Ламар Тек.

26 септември 1969 – Шеснаесет играчи, тренер и двајца од стручниот штаб на боливискиот Стронгест настрадаа при пад на авион близу Вилоко.

2 октомври 1970 – Универзитетската екипа на Вичита Стејт во американски фудбал доживеа пад на авионот во Колорадо, 14 играчи не преживеаја.

14 октомври 1970 – Дури 36 играчи од екипата за американски фудбал од универзитетот Маршал настрадаа при пад на авион во Западна Вирџинија.

13 октомври 1972 – Играчи, тренери и членови на управата на уругвајски аматерски рагби клуб се најдоа меѓу 29 настрадани при пад на авион во чилеанските Анди.

13 декември 1977 – Четиринаесет играчи и тренер од универзитетската кошаркарска екипа Евансвил загинаа во Индијана.

14 март 1982 – Четиринаесет членови на аматерската репрезентација на САД во бокс загинаа при пад на авион во Варшава.

25 ноември 1985 – Три натпреварувачки и два тренери на крос екипата при универзитетот Ајова Стејт загинаа во пад на авион во Ајова.

8 декември 1987 – Фудбалскиот прволигаш од Перу, Алијанца Лима, ги загуби тренерот и 16 играчи во авио-несреќата во градот од каде што е нивниот клуб.

28 април 1993 година – Осумнаесет фудбалски репрезентативци на Замбија и пет членови на стручниот штаб настрадаа при пад на авион во Габон.

27 јануари 2001 – Два кошаркари на Универзитетот Оклахома стејт и шест членови на стручниот штаб загинаа во колорадо.

7 септември 2011 – Руската хокеарска екипа, во неа дури 27 играчи, два тренери и седум членови на управата, настрадаа при пад на авион во Туноша.