Трамп не трпи критика: Смена во врвот на Републиканците

Републиканците во Претставничкиот дом ја сменија својата членка од Вајоминг, Лиз Чејни, ќерка на поранешниот потпретседател на Соединетите Американски Држави, Дик Чејни, од едно од лидерските места во партијата, заради тоа што ги критикуваше тврдењата на поранешниот претседател Доналд Трамп дека на ноемвриските избори имало изборни измами.

Републиканскиот совет гласаше вчера да ја смени Чејни од местото претседател на Конференцијата на републиканците во Претставничкиот дом, што е трета највисока функција во раководството на Републиканската партија во долниот дом на Конгресот, задолжена да ја пренесе пораката на партијата на американската јавност.

Чејни, која е единствената претставничка на западната американска држава Вајоминг во тоа законодавно тело, ги отфрла тврдењата на Трамп дека тој, а не демократот Џо Бајден, е легитимен победник на ноемвриските избори.

Чејни се најде на удар кога гласаше за отповикување на Трамп заради неговата улога во поттикнувањето на побуната во Капитол, на 6 јануари годинава, кога стотици негови приврзаници упаднаа во зградата на Конгресот за да ги спречат пратениците да ја потврдат победата на Бајден во Електорскиот колеџ.