Трамп ја крена цената на нафтата

Цените на нафтата повторно скокнаа, а причина за тоа е воведувањето на најновите американски санкции на Иран поради тестирање на балистички ракети и откако Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) реализираше околу 60 проценти од зацртаното намалување на производството.

Нафтените фјучерси денес во Њујорк пораснаа за 1,3 отсто, известува агенцијата „Блумберг“.

Американската лесна нафта за испорака во март скокна за 58 центи (1,1 отсто), на 54,12 долари за барел, во 10.30 часот претпладне на њујоршката трговска берза. Вкупниот обем на тргување бил околу 32 отсто под стодневниот просек.

Северноморската нафта „брент“ за испорака во април зајакна за 58 центи, на 57,14 долари за барел на европската берза во Лондон.

Новите американски рестриктивни мерки се објавени затоа што американскиот претседател Доналд Трамп, како што наведува њујоршката агенција, сака да го казни Техеран поради нивната програма за балистички ракети, откако ја предупреди Исламската Република дека се „игра со оган“.

„Ова е импулсивна реакција“, оценил во телефонската изјава за „Блумберг“ Мајкл Линч, претседател на Институтот „Стратеџик Енерџи & Економик Рисерч“ од Винчестер, Масачусетс.

„Кога и да имате наслови кои имаат некоја врска со Персискиот залив, ќе го видите одговорот на светските берзи“, изјавил тој.

ОПЕК минатиот месец го намали производството на нафта за 840.000 барели дневно, според податоците на „Блумберг“.