Трамп ќе го советуваат луѓе од Вол Стрит, Волт Дизни, ИБМ …

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој на главните позиции во својот кабинет постави мултимилионери, денес најави нов Советодавен одбор полн со челните луѓе на Вол Стрит и познати корпорации вклучувајќи ги Волт Дизни, Вол-Март и ИБМ.

Тие ќе бидат во составот на Стратешкиот и политичкиот форум, со задача да му помогнат на новиот претседател да го спроведе „својот план за зголемување на вработеноста и ветувањето дека Америка повторно ќе ја направи голема“, пренесува АФП.

Со Одборот кој прв пат ќе се состане во Белата куќа на почетокот на февруари ќе претседава Стивен Шварцман, генералниот директор и еден од сопствениците на корпорацијата Блекстоун, која управува со акции вредни 361 милијарди долари.

Во Одборот се и лидерите на две корпорации кои се членови и на Советот за извоз на претседателот во заминување Барак Обама, Роберт Ајгер генералниот директор на Дизни и Вирџинија М. Ромети директорката на ИБМ.

Трамп меѓу членовите на ова советодавно тело го сврсти и Џејми Дајмон, директорот на корпорацијата ЈП Морган Чејс, кого некои го споменуваа како можен кандидат за министер за финансии.

Тука се и Лери Финк кој се наоѓа на чело на компанијата БлекРок, Мери Бара-генералниот директор на Џенерал Моторс, првиот човек на Вол-Март – Даг Мекмилон и поранешниот гувернер на Федералните резерви, Кевин Ворш.

„Форумот ги собира директорите и бизнис лидерите кои знаат како да отворат нови работни места и да го поттикнат стопанскиот раст“, соопшти Трамп, додавајќи дека неговата администрација е посветена на користење на стручност од приватниот сектор.

Вообичаено е американските претседатели да формираат советодавни одбори за да ги слушнат мислењата на луѓето од приватниот сектор, заклучува француската агенција.