Британската војска моментно расправа за тоа како да да воспостави сили до половина милион луѓе, во кои би имало и цивили, за одбрана на Обединетото Кралство во случај на војна од пошироки размери, посебно со земји како Русија, пишува „Сандеј Тајмс“.
Генералот Сер Патрик Сандерс, началник на Главниот штаб, ја истакна потребата од обука и опремување на цивили за формирање нова „граѓанска војска“ во случај на конфликт.
Целта е во следните три години да се добие поголема војска од 120.000 лица, вклучувајќи редовни војници, цивилни лица и „стратешка резерва“ од поранешни воени лица кои би можеле да бидат повикани во итни случаи. Сандерс нагласи дека тоа само по себе не би било доволно за да се добие војната, туку дека таква армија е потребна за јавноста да биде на „воено ниво кога за тоа е потребно“.
Војната што е во тек меѓу Украина и Русија го поттикна размислувањето за создавање на втор бран сили кои би можеле да бидат ангажирани доколку редовната војска се соочи со пораз на бојното поле. Меѓу другото, се разгледува можноста за обука на украински цивили на тло на Велика Британија како „пробна мисија“ за подготовка на граѓанска војска во британските сили.
„Ни треба војска што брзо ќе се шири, ни треба добро обучена и добро опремена граѓанска војска“, рече Сандерс, говорејќи на Меѓународната конференција за оклопни возила во Лондон.
Иако постои неизвесност околу потребната големина на армијата, министерот за одбрана, Џејмс Хепеј, спомена бројка од 500.000 лица што ќе бидат „под оружје“, комбинирани сили од војници и цивили. Се истражува можноста за ангажирање на поранешни воени лица.
Ниту една конкретна политика во моментов не наведува како Велика Британија би мобилизирала сили доволно големи за да се спротивстават на Русија, а нема планови за регрутирање, туку се потпира на доброволци.
Велика Британија нема задолжителен воен рок, а Министерството за одбрана потврди дека нема намера да го врати, туку ќе се потпре на „доброволни сили“. Тоа го потврди и премиерот Риши Сунак по настапот на воени претставници кои порачаа дека Британија треба да почне со подготовки за евентуален воен судир со Русија.
Британските генерали со тоа го следеа примерот на другите воени и политички функционери кои ги предупредија нивните земји дека опасноста е реална и дека треба да се размислува за подобрување на воените капацитети и подготовка на граѓаните за тешки времиња.
Меѓутоа, очигледно е дека бројот на припадници на доброволните сили се намалува. Една неодамнешна статија во „Тајмс“ откри предвидувања дека силите би можеле да паднат под 70.000 во рок од две години.