Тужба против „Мекдоналдс“ за измама на клиенти

LinkSense.mk

Потрошувачи го тужат Мекдоналдс, тврдејќи дека нивните хамбургери изгледаат многу поголеми отколку што всушност се, пренесуваат британските медиуми.

Во групната тужба, гигантот за брза храна е обвинет за нефер и измамнички трговски практики и се бара казна од 50 милиони долари за измама на клиентите, јавува Би-Би-Си.

Компанијата не сакаше веднаш да го коментира случајот кој привлекува големо внимание на социјалните мрежи.

Нивниот ривал Бургер Кинг доби слична тужба во март годинава, од истите адвокатски фирми што сега ја застапуваат тужбата против Мекдоналдс.

Рекламите на компанијата се „нефер, нечесни и финансиски штетни за потрошувачите бидејќи добиваат оброци кои се многу помалку од ветените“, се вели во тужбата.

Постапките се посебно загрижувачки во време на инфлација, многу високи цени на храната и месото, кога многу потрошувачи, особено потрошувачите со пониски приходи, имаат финансиски проблеми“, се додава.

Во тужбата против „Мекдоналдс“ се наведува дека хамбургерите кои се рекламираат се барем 15 отсто поголеми отколку што навистина се. Во тужбата се вклучени и некои од реакциите на социјалните мрежи кои, негодувајќи, ги прозиваат компаниите.

Изгледаат малку тажно… не се како на сликата“, рече еден клиент на Јутјуб за сендвичите, кој се цитира во тужбата.

Тоа е мала плескавица, луѓе. Јас директно ви кажувам што можете да очекувате, после да не бидете разочарани како мене, рекол друг.

Ваквите коментари веројатно нема да бидат доволни за да се победи на суд во САД, вели Марк Бартоломеј, професор по право на Универзитетот Бафало во Њујорк. Тој рече дека судот ќе бара докази дека клиентите биле измамени и дека рекламите влијаеле на одлуките за купување.

И едното и другото се тешки работи што обвинителот треба да ги докаже, рече тој.

Претпоставувам дека она што навистина се сака да се постигне е спогодба и никогаш да не дојде до вистинско судење“, додаде Бартоломеј.

Во Британија, регулаторите во 2010 година ја забранија рекламата на Бургер Кинг, прифаќајќи ги поплаките дека сендвичите со пилешко месо од тој ланец на продавници се многу помали од рекламираните, објави Би-Би-Си.

Но, релативно е невообичаено да се види ваква врста на случаи во САД, каде што многу спорови за рекламирање кои се водат меѓу конкурентите се решаваат тивко, далеку од очите на јавноста“, рече Дебора Герхард, професор по право на Универзитетот во Северна Каролина – Чапел Хил.

За многу спорови јавноста никогаш не дознава“, додаде таа.