Турција ќе одржи референдум за членство во ЕУ

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја на референдум ќе одлучи за членство во Европската унија.

Ердоган, во интервју за индиска телевизија, ја обвини ЕУ дека не е „ниту искрена, ниту чесна“ и дека ја држи Турција да чека пред нејзините врати, пренесе АП.

„Турција ќе одлучи за тој пат на референдум, нешто како оној за Брегзит“, изјавил Ердоган кој моментно престојува во Њу Делхи.

Односите на Турција со земјите членки на Унијата се влошија непосредно пред априлскиот референдум за уставните реформи со кои се прошируваат овластувањата на претседателот.

ЕУ неодамна порача дека Турција мора да упати јасни сигнали за тоа дали има намера да ги исполни критериумите на ЕУ за човекови права и владеењето на законите.