Украина ја обвини Москва за геноцид во Буча и Мотижин, Русија негира

LinkSense.mk

Украина покренува истрага против руските сили поради можни злосторства против човештвото врз цивили и кршење на Женевската конвенција против заробени војници, соопштија денеска државниот обвинител и Народниот правобранител, откако беа пронајдени нови жртви во селото Мотижин во близина на Киев.

Украинската државна обвинителка Ирина Венедиктова изјави за националната телевизија дека во регионот на Киев најлоша е состојбата во градот Бородјанка, судејќи според бројот на жртвите, но не даде други информации за тоа.

Началничката на селото Мотизин, нејзиниот сопруг и син се пронајдени закопани, соопшти Министерството за внатрешни работи, покажувајќи делови од ископаните тела, пренесува Ројтерс.

Откако руските сили се повлекоа од градовите и селата околу главниот град на Украина минатата недела, украинската војска им покажа на новинарите мртви тела за кои се верува дека се цивили и дека се убиени од руски војници, а нивните куќи ги уништиле, а возила им ги запалиле.

Ројтерс не потврди кој го убил семејството чии останки беа пронајдени во селото Мотизин. Дописникот на агенцијата ги видел мртвите тела и тело на друг маж во бунар во близина на запален селски имот и се чини дека тој човек бил врзан.

Окупаторите се сомневале дека семејството соработува со украинската армија, дека им давале локации и цели. Го убија целото семејство. Прво ги мачеле, а потоа ги заклале“, наведува украински извор.

Вадим Токар, началник на блиското село Макарив, рече дека руските војници го однеле семејството два до три дена пред повлекувањето.

Стотици мртви тела биле пронајдени по повлекувањето на руската армија од околината на Киев, вклучително и во градот Буча, каде во саботата беа пронајдени првите мртви тела.

Официјална Москва ги отфрли ваквите обвинувања и рече дека сето тоа е претстава во режија на украинските власти кои на социјалните мрежи и на западните земји и Украина шират лажна верзија за нападот.

Тоа е лажен напад со цел да се оцрни Москва“, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, а пренесе агенцијата ТАСС.

Украинската омбудсманка Људмила Денисова рече дека украинските воени заробеници кои биле разменети за руски војници веруваат дека им биле прекршени нивните права според Женевската конвенција.

Биле држени во подрум без храна и морале да ги соблечат униформите“, рече Денисова.

Со Женевската конвенција се утврдени законски норми за хуманитарно постапување до кои треба да се држат завојуваните страни.