Украинската амбасада во Шпанија доби нови писма со „животински очи“

LinkSense.mk

Три писма со „животински очи“ упатени до украинските дипломатски претставништва во Шпанија се запленети вчера, изјави полициски извор, неколку дена по експлозијата на писмо-бомба во украинската амбасада во таа земја.

„Безбедносните и поштенската служба утринава открија и конфискуваа три сомнителни писма упатени до украинската амбасада во Мадрид и конзулатите во Барселона и Малага“, рече изворот, кој додаде дека во пликовите немало „експлозивна направа“, туку „животински очи“.

„Пратките изгледаа слично на оние што во петокот ги прими украинската амбасада во Мадрид и други конзулати и амбасади во неколку европски градови“, додаде изворот.

Во петокот, портпаролот на Министерство за надворешни работи на Украина изјави дека неколку нивни амбасади и конзулати во Европа, вклучително и амбасадата во Загреб, добиле „крвави“ пликови со „животински очи“.Киев тогаш ја осуди „планираната кампања на терор“ која ја спроведува Москва.

Минатата седмица, во средата, експлодираше писмо-бомба и полесно повреди вработен во украинската амбасада во Мадрид.

После експлозијата на писмото, шпанските власти соопштија дека заплениле други слични пратки испратени до шпанскиот премиер и неговиот министер за одбрана, до американската амбасада и до фабриката за оружје што произведува минофрлачи што Мадрид му ги даде на Киев на почетокот на руската инвазија.

„Според првите резултати од истрагата, писмата-бомби се испратени од Шпанија“, изјави во четвртокот шпанскиот државен секретар за безбедност Рафаел Перез.

Шпанското правосудство води истрага за „тероризам“.

Минатата година, на неколку шпански политички лидери им беа испратени писма со куршуми од автоматска пушка, а иста таква „порака“ доби и министерот за внатрешни работи.

 

 

 

 

 

 

(Фото: АП / Илустрација)