Уличното осветлување во Валандово оди под јавно приватно партнерство

Како една од петте пилот општини во кои се спроведува проектот за енергетски ефикасно јавно улично осветлување,општина Валандово објави јавна набавка за ангажирање компанија со која заеднички ќе го реализира проектот.

„Јавното – приватно партнерство ќе се склучи на период од осум години во кои грижата за јавното осветлување целосно ќе и се препушти на партнерската компанија која покрај замената на постоечкото осветлување со ново енергетски ефикасно, ќе врши и отстранување на проблемите и замена на дефектните светилки“, велат од општината.

Инвестицијата на општина Валандово од 26 милиони денари и на компанијата партнер од 31,2 милиони денари се очекува да бидат вратени од заштедите за период од седум години за општината и осум години за партнерската компанија, колку што всушност изнесува и периодот за јавното приватно партнерство.

Покрај градот Валандово,проектот ќе ги опфаќа и останатите 15 населени места во општината, а според физибилити студијата, предвидената заштеда со модернизацијата на уличното осветлување, на годишно ниво,е проектирана на 3,6 милиони денари.