УНЕСКО денеска, во соработка со Светскиот еврејски конгрес, покрена вебсајт за подучување за Холокаустот, чија цел е да запре негирањето на прогонот над Евреите и ширењето на антисемитизам.
Генералната директорка на агенцијата на ОН за култура и образование, Одри Азуле, и претседателот на Светскиот еврејски конгрес Роналд Лаудер, свечено денеска го отворија интерактивниот портал „Факти за Холокаустот“ во седиштето на УНЕСКО, пренесува АП.
На овој портал можат да се најдат историски информации за Холокаустот, вклучувајќи и сведочења.
Покрај тоа, овој портал е поврзан со он-лајн енциклопедијата на американскиот музеј посветен на Холокаустот.
Проектот е осмислен заради сузбивање на, како што наведува УНЕСКО, „растечката омраза и дезинформирање на интернет“ кога станува збор за еврејските прашања.
Сајтот е отворен пет месеци откако УНЕСКО ги објави првите едикативни насоки на ОН за борбата против антисемитизмот.
Проеврејските иницијативи внатре во УНЕСКО се покренуваат во моментот кога Израел се подготвува да се повлече од таа агенција, која е на удар на серија обвиненија дека ги подгрева антиеврејските предрасуди, напоменува американската агенција.