Фатиме Фетаи – пример за успех

Обвинителката Фатиме Фетаи имаше обраќање на панел дускусијата под наслов „Жените во јавниот живот“ што по повод 8-ми март, меѓународниот ден на жената беше организирана од организацијата Democracy Lab.

Пред присутните обвинителката од СЈО говореше за улогата на жената во општеството, а откри детали и од нејзината животна приказна.

Не треба да се трудиме да бидеме подобри од другите, секогаш треба да се трудиме да бидеме најдобрата верзија од себеси“, Фатиме Фетаи, Специјален јавен обвинител

Фетаи говореше за конзервативната средина во која израснала, за средината во, како што вели, било грев жена да управува автомобил или да носи очила за сонце, за склучениот брак на 17 години, но и за тоа како отсекогаш верувала дека ќе стане врвен правник.

„Родена сум како трето дете во бракот меѓу Смиљана и Нафим, во работничко семејство. во село Неготино, гостиварско. Тука го поминав детството и основното образование, а во средношколските денови во Боговиње, тетовско, созреав и се заљубив во едни сини очи и се омажив на 17 години. Иако одбрав многу млада да стапам во брак, цврсто бев убедена дека можам да бидам свој човек и на професионален и на личен план, бев убедена дека можам да станам човек со висок потенцијал. Бев свесна со какви потешкотии ќе се соочам имајќи ја предвид средината во којашто израснав. Немав никаков ветер во грб, моите родители беа работници кои можеа да ми дадат само вербална поддршка. Но бев цврсто определена дека ќе застанам на свои нозе и ќе го постигнам она што го замислував уште како дете – да станам успешна жена и да оставам некој белег во општествениот живот. Во една таква традиционална конзервативна средина во која, во тоа време, беше грев жената да вози автомобил или да носи очила за сонце, знаев дека тешко ќе ми биде да ги остварам моите соништа. Но јас верував дека ќе го остварам она за што копнеев во детството. Одлучив јас да го водам животот и докажав дека и од традиционална средина може да се постигне сонот, рече Фетаи.