Фајон: Бугарското вето за Македонија е неодговорно

На дебатата за извештаите за земјите од Западен Балкан, европратеничката Тања Фајон оцени дека бугарското вето за преговорите со Македонија е неодговорно.

Таа порача дека едностраното делување нема ништо заедничко со критериумите за членство во Европската унија.

„Бугарија треба да ги повлече своето вето, затоа што кризата што ќе ја предизвика бугарското вето ќе го загрози процесот на проширувањето за другите земји од регионот“, рече Фајон.

Пред неа бугарскиот пратеник Андреј Ковачев изјави дека во Македонија се нарушува слободата на изразување на Македонците со бугарско потекло и дека бугарската заедница во Македонија била мнозинство пред да дојде Тито на власт. Тој го посочи случајот со пејачот избран за Евровизија како доказ дека Бугарите во Македонија се мета на постојани напади.

Европратеникот Ангел Џамбаски од своја страна ја спореди Македонија со Северна Кореја поради тоа што Бугарите, како што рече. не смееле да се декларираат како такви на претстојниот попис.