Фетел победи во трката за Големата награда на Велика Британија

Возачот на Ферари, Себастијан Фетел победи во трката за Формула 1 за Големата награда на Велика Британија и за осум поени ја зголеми предноста на првото место во шампионатот во однос на Луис Хамилтон од Мерцедес.

Фетел во една од најдобрите трки оваа сезона, на славната патека во Силверстон, ја оствари 51 победа во кариерата, четврта во сезоната, а втора во Велика Британија. Четирикратниот светски првак победи со резултат од еден час, 27 минути и 29 секунди.

Тој според бројот на победи во Формула 1 се изедначи со Алан Прост.

Второто место го завзеде Хамилтон, кој после инцидентот во првиот круг, кога падна на последното место откако го удри кими Раиконен од Ферари, со добро возење успеа да се качи на подиумот. Тој низ целта помина со 2,264 секунди заостанување зад победникот.

Третото место му припадна на Раиконен со заостанување од 3,652 секунди.

Четврти беше Валтери Ботас од Мерцедес, петти е Дание Рикардо од Ред Бул, а шести Нико Хулкенберг од Рено.

Поени уште освоија возачот на Форс Индија, Естебан Окон, Фернандо Алонсо од Мекларен, Кевин Магнусен од Хас и Пјер Гасли од екипата на Торо Росо.

Следната трка во шампионатот се вози на 22 јули за Големата награда на Германија.