Фејсбук најавува 10 илјади работни места во Европа

LinkSense.mk

Гигантот меѓу социјалните мрежи, Фејсбук, објави вчера дека ќе отвори 10.000 висококвалификувани работни места во Европската унија во следните пет години за да помоге во изградбата на таканаречениот „метаверзум“.

„Компанијата соработува со други за да развие „нова фаза на меѓусебно поврзани виртуелни искуства користејќи технологии како на пример виртуелна и проширена стварност“, или метаверзум“, соопшти раководителот на Фејсбук за политики и јавни работи, Ник Клег и додаде дека метаверзумот има потенцијал да помогне во отварањето пристап на нови креативни, општествени и економски прилики, а дека Европјаните ќе го обликуваат од самиот почеток.

Клег, поранешниот заменик на британскиот премиер, рече дека вложувањето е „глас на доверба во силата на европската технолошка индустрија“ и истакна дека Европа е „исклучително важна за Фејсбук“.

„Освен технолошките таленти, ЕУ исто така има важна улога во обликувањето на новите интернетски правила. Европските креатори на политиката се водечки во настојувањата дека европските вредности, како што се слободата на изразувањето, приватноста, транспарентноста и правата на поединецот, да се вградат во секојдневната работа на интернетот“, се наведува во соопштението.

Некогашната раководителка во Фејсбук, Френсис Хауген, го обвини поранешниот работодавач на почетокот на октомври дека, меѓу останатото, не е доволно транспарентен во поглед на потенцијалното нанесување на штета.

Фејсбук одговори дека интернетската мрежа секој ден се обидува да пронајде рамнотежа меѓу правата на милијарди луѓе на слобода на изразување и сигурно опкружување за корисниците.

Фејсбук неодамна заврши на насловните страници и заради грешка во системот која доведе до пад на таа социјална мрежа, но и на ВатсАп и Инстаграм на околу шест часа.

 

 

 

(Фото: ЕПА)