Филипче ги посети операторите каде што ќе се чуваат вакцините против Ковид-19

Министерот за здравство Венко Филипче денеска посети дел од економските оператори кај кои ќе се чува вакцината против Ковид-19.

Како што соопшти Министерството за здравство, станува збор за дистрибутери кои веќе работат на оваа поле и вклучени се во постојаниот систем на вакцинација, во делот што се однесува на складирање и дистрибуција на други вакцини.

Министерот со дел од стручните тимови на дистрибутерите направи обиколка на ладните соби и фрижидерите во кои веќе се чуваат вакцини од имунолошкиот календар на Министерството за здравство и со нив разговараше како и на кој начин ќе се чува и дистрибуира вакцината за Ковид 19, кога ќе пристигне во нашата земја.

„Операторите во своите постоечки капацитети имаат комори и ладни соби од 0 до 8 степени целзиусови, како и фрижидери до минус 20 степени целзиусови, како и возила со ладилници како би го запазиле „ладниот синџир“ при дистрбуција на вакцините“, се наведува во соопштението.

Дополнително, Министерството за здравство операторите ќе ги снабди со фрижидери до минус 70 степени целзиусови кои во земјава ќе пристигнат кон средината на јануари.

Филипче се заблагодари на економските оператори за согласноста да бидат дел од овој систем, а за понудените услуги Министерството за здравство со нив ќе потпише договори.

Вакцинацијата ќе се врши во веќе постоечките вакцинални пунктовите односно во здравствените установи низ државата.

„Сите вакцини за Ковид-19 се безбедни и ќе бидат бесплати за граѓаните“, додава Министерството.