Филипче: Комисијата за заразни болести смета дека за 1 Мај треба да има продолжен полициски час Министерот за здравство

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека утре на владина седница ќе се одлучува за евентуално продолжување на полицискиот час за време на првомајските празници.

Филипче истакна дека Комисијата за заштита од заразни болести со
консензус смета дека полицискиот час треба да биде продолжен, односно да трае три дена, од петок до понеделник.

„Одлуката ќе биде донесена на утрешната седница на Владата. Гостувањето на утринската емисија беше пред состанокот на Штабот, така што во текот на утрешниот ден на седницата ќе се донесе одлука. На утринскиот состанок на Штабот јас го изнесов мислењето, и на Комисијата која со консензус смета дека треба викендот да биде целосно затворен како што беше оној за Велигден, сега од петок до понеделник“, рече Филипче.

Во однос на ставот на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, за
престојниот празник да нема ограничување како за Велигден, Филипче посочи дека одуката ќе ја донесат стручните лица од Комисијата на заразни болести, врз база на епидемиолошки и медицински сознанија.

„Во меѓувреме видов и некои реакции на министерот Чулев. Сметам
дека не треба да станува збор за какво било лично мислење или некоја
тенденција да се пренесе, некакво мислење или став или желба на која
било група на граѓани заради тоа што сите овие мислења се темелат на
стручните сознанија на Комисијата за заразни болести. И така
функциониравме досега. Тие се темелеа на бројот на пациенти, на тоа
што може да очекуваме од рестриктивните мерки во смисла на
намалување на бројот на случаи но со медицинска издржаност. Зашто
тоа го препорачуваме? Секако дека граѓаните не сакаат да седат дома.
Кој би сакал да седи дома затворен три дена, но има причина зашто тоа
е така предложено“, истакна Филипче.

Министерот додаде дека во секој случај Владата на утрешната седница
ќе го дискутира овој предлог и ќе се слушнат сите ставови по што ќе се
донесе одлука, за која јавноста ќе биде известена.