Филипче: Понудив писмена оставка до премиерот Заев

Министерот за здравство Венко Филипче попладнево соопшти дека од морални причини доставил писмена оставка до премиерот Зоран Заев по пожарот во модуларната болница во Тетово.

„Пред година и пол го регистриравме првиот Ковид случај во нашата земја, го паметам тој ден. Имавме две прес-конференции од оваа иста говорница. Од тој ден до денес секогаш пред граѓаните стоев отворено и транспарентно соопштувајќи ги сите и добри и лоши вести. Никогаш не бев од критика, никогаш не останав должен во одговор, никогаш не се откажав од битката да ја победиме пандемијата. Сите одлуки кои ги донесовме беа со една единствена цел, а тоа е да се заштити здравјето на граѓаните.

Последната трагедија во Тетово многу ме погоди, многу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства, нема зборови што тоа можат да го опишат, ниту пак начин да се надомести загубата. Како лекар и министер имам интегритет. Затоа денеска од морални причина понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев, рече Филипче во обраќањето.

Тој им се заблагодари на сите кои верувале и го поддржувале во работата, одговорните задачи и предизвиците со кои се соочувал.

„Сакам на крај и посебно да се заблагодарам на претставниците на медиумите за нивната транспарентност, посветеност и поддршката што ја добивав во најтешките моменти во борба со пандемијата, додаде Филипче.

 

 

МИА