Фирма на Анѓушев доби 160.000 евра од Фондот за иновации

LinkSense.mk

Фондот за иновации додели 160.000 евра на сметката на „Каст Инвест“, компанија чиј косопственик е вицепремиерот Кочо Анѓушев, објави телевизијата Канал 5.

Сопственици на „Каст инвест“ се компанијата Брако, на Анѓушев, Митко Кржовски и Владо Атансовски.  Од кабинет велат дека нема ништо спорно во ова, затоа што Анѓушев со стапувањето на функцијата вицепремиер за економски прашања се повлече од управувачките функции во сите компании каде што има сопственички капитал.

„Анѓушев  на јавноста и го презентираше анкетниот лист и се што поседува – со што покажа транспарентност и отвореност дека нема што да крие. Во врска со целиот процес што го води Фондот за иновации и технолошки развој Ве информираме дека е воспоставен двостепен систем за евалуација и селекција на доставените проекти од страна на стручни и независни комисии по јасни критериуми кои се еднакви за сите компании што учествуваат на повикот и не фаворизираат ниту еден правен субјект“, информираат од кабинетот на Кочо Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации вели дека процесот бил транспарентен и сите потенцијални апликанти биле информирани преку јавен повик кој траел 45 дена. Вели дека системот на оценување е поставен да оневозможи влијание на било кое лице, вклучително и функционер.