„Фолксваген“ мора да плати 2,8 милијарди долари казна

Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ ќе мора да плати 2,8 милијарди долари казна во САД поради мамење на тестови со издувните гасови, стои во пресудата донесена на основа на спогодба на американската влада и таа компанија.

Американскиот судија Шон Кокс ја прифати спогодбата шест недели откако „Фолксваген“ ја призна вината за опструкцијата на правдата по повод вградувањето на софтвер за прикривање на податоци за емисијата на гасови во речиси 600.000 дизел возила во САД.

Возилата биле програмирани да вклучат систем на контрола за загадување за време на тестирање, а да го исклучат при обично возење.

Помошникот на американскиот државен обвинител Џон Нил му рече на судијата дека тоа бил „намерен обид на голема корпорација да го избегне американскиот закон и да ги измами надлежните органи во САД“.

Судијата Кокс рече дека е вчудоневиден што „Фолксваген“ направил таков злочин.

„Кој е повреден со оваа корпоративна измама? Колку што можам да видам, тоа не се менаџерите на „Фолксваген“, кои имаат огромни плати и големи бонуси. Тоа е малиот човек, како и секогаш“, истакна судијата, мислејќи на купувачите на автомобили и работниците во „Фолксваген“ кој поради одредената казна во иднина можеби помалку ќе заработуваат.

Освен оваа казна, германскиот производител на автомобили ќе плати и 1,5 милијарди долари во граѓанска парница, главно заради порамнување со американската Агенција за заштита на човековата средина, како и 11 милијарди долари за откуп на автомобили и други компанзации.

Седум вработени во компанијата, исто така, се обвинети за кривични дела во САД, но пет од нив се во Германија и малку е веројатно дека ќе бидат испорачани.

Кокс ја повика германската влада да ги „обвини одговорните за оваа намерна масовна измама која и наштетила на познатата автомобилска компанија“.

Помошникот на обвинителот Нил изјави дека Лери Томпсон од Министерството за правда во САД ќе биде човекот кој ќе надгледува дали „Фолксваген“ се придржува на спогодбата за признавање на вината, која подразбира потполна соработка со американските истражители и три години условна казна.

Американските власти го обвинија „Фолксваген“ за софтверска измама во септември 2015 година откако истражувачи од Универзитет Западна Вирџинија открија дека емисијата на штетниот нитроген оксид при вистинско возење се разликува од онаа на тестирање.

И покрај почетното негирање, германската компанија признала дека користела софтвер за лажирање на контролата на издувните гасови.