Франција бара прошка: Макрон ја призна одговорноста за геноцидот во Руанда

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денеска во Кигали дека само граѓаните на Руанда можат да и простат на Франција за нејзината улога во геноцидот во 1994 година.

„Франција не ги слушаше оние кои ја предупредуваа на можниот масакр во Руанда и де факто застана на страната на ‘геноцидниот режим’ во оваа централноафриканска држава“, рече Макрон во говорот за геноцидот во Меморијалниот центар „Гисози“ во Кигали, каде што се погребани повеќе од 250.000 убиени припадници на народот Тутси, пренесува агенцијата Ројтерс.

Но, Франција, како што наведе Макрон, не била соучесник во геноцидот.

„На овој пат, само оние кои минаа низ таа ноќ можеби можат да ни простат“, рече Макрон.

Францускиот претседател рано утринава стаса во Кигали, главниот град на Руанда, после што замина во претседателската палата за да се сретне со претседателот Пол Кагаме, кој посетата на Макрон ја оцени како негов обид да се поправат односите меѓу двете земји.

Макрон потоа го посети спомен обележјето кое сведочи за стравичниот колеж пред 27 години, во кој животот го загубија око9лу 800.000 луѓе, главно припадници на малцинскиот народ Тутси, и на умерените Хути, кои се обиделе да ги заштитат од Хуту екстремистите.

Посетата следи после објавувањето на извештајот на француската истражна комисија во март, во којшто се наведува дека колонијалниот став ги „заслепи“ француските официјални лица и дека официјален Париз носи „сериозна одговорност дека не го предвидел масакрот“.

Меѓутоа, извештајот ја ослободи Франција од директно соучесништво во настаните во 1994-та.

Пол Кагаме минатата недела изјави дека овој извештај „многу значи“ за граѓаните на Руанда.

„Нашиот народ можеби не може да заборави, но може да и прости на Франција за нејзината улога“, рече Кагаме, инаку припадник на Тутсите, којшто е главна фигура на политичката сцена во оваа централноафриканска држава, откако неговата бунтовничка војска ги победи „одредите на смртта“, кои како верни на тогашната влада го убиваа секој оној којшто ќе им се спротиставеше на тогашните политички челници.

Макрон, кој се обиде да ја дистанцира Франција од нејзиното колонијално минато, минатиот месец изјави дека неговата држава ќе ги отвори архивите на поранешниот претседател Франсоа Митеран за Руанда, во рамки на неговите настојувања подобро да се разбере улогата на Париз во текот на геноцидот.

Од Елисејската палата информираа дека Макрон утре ќе именува нов амбасадор во Руанда, што ќе биде прв акредитиран француски преставник од 2015 година.

(Фото: АП)