Американскиот Стејт департмент соопшти дека француски ветеран од Легијата на странци, Абделилах Химих, е осомничен дека учествувал во планирањето на нападите во Париз и Брисел минатата година.
Како што пренесува АФП, Стејт департментот го додал Химих, кој е познат и како Абу Сулејман Ал-Фаранси, на списокот на лица „посебно означени како светски терористи“.
Американски и француски официјални лица велат дека Химих има 27 или 28 години, дека е француски државјанин роден во Мароко, кој бил шест месеци во француската Легија на странци.
Според наводите на Стејт департментот, Химих помогнал во планирањето на нападите во Париз во ноември минатата година кога загинаа 130 луѓе, земал учество и во нападите на бриселскиот аеродром и метро каде беа убиени 32 лица, а и помагал на Исламска држава така што испраќал борци во Ирак и Сирија.
На листата е и Абдулах Ахмед ал-Мешедани, кој ги наоѓал домовите за борците на Исламска држава, меѓу кои се и лидерот Абу Бакр ал-Багдади, како и Басил Хасам кој е обвинет за ранување на Ларс Хедегард, дански историчар, во февруари 2013 година.