Ф1: Големиот талент посериозно повреден (ВИДЕО)

Паскал Вехрлеин доживеа опасна несреќа на ревијалниот настап на спектаклот „Трка на шампионите“, а поради повреда на вратот во прашање е неговиот настап на зимското тестирање на крајот на февруари во Барцелона.

Талентираниот дваесет и двегодишен возач беше блиску до потпишување за „Мерцедес“ оваа сезона, чиј јуниор е, но Валтер Ботас му го „украде“ местото зад воланот на најпосакуваниот болид во Формула 1.

Вехрлеин засега мора да се задоволи со возење за „Саубер“, но новиот работодавец сигурно не е среќен поради непотребната несреќа која Германецот ја доживеа на ревијалната трка.

Да потсетиме, Паскал на спектаклот „Трка на шампионите“ во Мајами ги одмеруваше силите со Фелипе Маса и во самиот влез во целта загуби концентрација, налета на автомобилот на Бразилецот кој го катапултираше во воздух.

Иако во прв момент се чинеше дека Вехрлеин и совозачот се извлекоа без повреди, се чини дека сепак не било така.

Во швајцарските и во германските медиуми се појавија гласини дека сериозно го повредил вратот и дека ќе го пропушти зимското тестирање.

„Лекарските прегледи сеуште траат“, стои во неодамнешната објава на екипата на „Саубер“ па ќе мораме уште некое време да почекаме за нови информации за здравствената состојба на Паскал. До почетокот на Ф1 сезоната на 26 март во Мелбурн тој би требало да закрепне.