Хилари има еден милион гласови повеќе

Претседателскиот кандидат од Демократската партија, Хилари Клинтон, која на изборите загуби од републиканецот Доналд Трамп, моментно има еден милион гласови повеќе, а таа разлика на крајот би можела да достигне и два милиона.

Заклучно со вторникот навечер, Клинтон има 61.963.243 гласови, а Трамп 60.961.185.

Гласовите сеуште се бројат во Калифорнија, Јута, Вашингтон и Мичиген.

Според проценките, во Калифорнија каде што Клинтон ја доби довербата од речиси две третини од избирачкото тело, треба да се избројат уште најмалку три милиони гласови, а во склад со трендот два милиона би можеле да припаднат на губитниците на изборите.

Во Мичиген сеуште не е прогласен победникот. Трамп моментно има 9.000 гласови повеќе од Клинтон, но треба да се пребројат уште околу 150 илјади гласови.

Сега речиси е извесно дека Клинтон ќе биде најубедливиот победник на претседателските избори кој, благодарение на американскиот изборен систем, не влегол во Белата куќа.

Ова инаку е пети пат во историјата кандидат кој добил повеќе гласови да не станал претседател на САД.

Претходно тоа се случи во 2000 година, кога исто така кандидатот на демократите, Ал Гор, беше поуспешен од Џорџ Буш, но после контроверзното броење на гласовите на Флорида имаше помалку електорски гласови.