Храната со повисоки цени, зејтинот поскап за околу 20 денари

LinkSense.mk

Маслото за јадење, брашното, шеќерот, лебот и јајцата од денеска се продаваат по нова, зголемена цена откако престанаа да важат антикризните мерки што беа воведени во март.

Зејтинот кој досега се продаваше по цена од 135 денари, сега може да се најде за цена од 156 до 163 денари, а новата цена на брашното тип 400 сега се движи од 54 до 60 денари. Шеќерот се продава по цена од 55 до 60 денари, а пакување од 10 јајца по цена од 90 до 110 денари. Повисоки цени има и кај лебот и оризот.

Од вчера се зголемени и цените на горивата. Цената на Еуросупер БС-95 и на дизелот е зголемена за девет денари, а на Еуросупер БС-98 за 9,5 денари за литар. За 8,5 денари за литар поскапо е и Екстра лесното масло за домаќинство. Литар Еуросупер БС-95 чини 104 денари, Еуросупер БС-98 се продава по цена од 106,5 денари. Новата цена на дизелот е 95 денари, а на Екстра лесното масло за домаќинство  93 денари.

Зголемените цени на храната уследија откако од денеска престанаа да важат антикризните мерки со кои ДДВ-то на основните прехранбени производи беше намалено од 5 на нула проценти, а на енергенсите од 18 на 10 проценти. Се укина и ограничувањето на маржите за основните прехранбени производи. Антикризните мерки беа воведени во март со цел да се ублажат последиците од енергетската криза и да се заштити стандардот на граѓаните.

 

ИЗВОР: МИА