Хрватска воведе построги мерки за заштита од Ковид-19

Непосредно пред стапувањето на сила на новите епидемиолошки мерки според кои кафулињата од 1 септември повторно ќе можат да работат во затворени простори, Хрватскиот завод за јавно здравје ги објави препораките за работа, кои вклучуваат ограничен број на посетители и растојание од минимум метар и половина.

Заради спречување на ширењето на инфекцијата со корона, бројот на посетители е ограничен, така што за секој гостин ќе бидат обезбедени четири метри простор, додека пропишаното растојание меѓу гостите ќе биде минимално метар и половина“, пренесува агенцијата Хина.

Масите, исто така, ќе бидат распоредени за да се одржи физичкото растојание меѓу различни групи гости, а ќе можат да седат повеќе лица кои припаѓаат на иста група.

Во затворените делови на угостителските објекти гостите нема да можат да стојат.

Пропишано е и дневно мерење на температура на сите вработени, а задолжително е и носењето маски, како за вработените, така и за гостите.

Гостите се повикани што повеќе да се потпрат на плаќање со картички, а на сите на влезот во објектот ќе им биде достапен апарат со дезинфекциско средство за рацете.