Хрватска не направи сензација, Франција е светски првак

LinkSense.mk

Москва не ја виде најголемата сензација во историјата на Мундијалот. Репрезентацијата на Франција на стадионот „Лужњики“ се погрижи да не дојде до тоа и фудбалот да не го добие деветиот светски првак. „Триколорите“ во финалето на 21 Светско првенство во Русија ја победија, за многумина пред почнувањето на турнирот аутсајдер, Хрватска, и стигнаа до вториот пехар, по што се изедначија со Уригвај и со Аргентина.

Фаворитот во одлучувачката средба на спектакуларниот шампионат влезе со намера да изигра не со убавина, туку да го зграби златниот пехар после 20 години.

Ситниот „вез“ и убавите додавања на „коцкастите“ во првото полувреме ја одушевуваа публиката, но после 45 минути беше 2:1 за Франција, иако упатија само еден удар кон голот на Даниел Шубашиќ. Тој апсурд го предизвика Марио Манџукиќ кој во 18 минута постигна автогол, досега прв автогол во финале на Мундијал.

Меѓутоа, Хрватска благодарение на мајсторијата на одличниот Перишиќ стигна до изедначување (1:1), кое кратко траеше, поради влијанието на видео-технологијата. Аргентинскиот судија Нестор Питана на сугестија на арбитрите од ВАР собата отрча до мониторот и сфати дека не видел играње со рака од Перишиќ, и досуди пенал. Антоан Гризман, кој е прогласен за играч на натпреварот, мирно, ја пласираше топката во мрежата (2:1).

Стратегот на Французите, Дидие Дешан, трет човек кој стана шампион на светот и како играч и како селектор (пред тоа беа Бразилецот Загало и Германецот Бекенбауер), ја зацврсти одбраната пред шеснаесетникот во продолжението и шансата ја виде во контранапади. Така и се случи, и во рок од шест минути стасаа два удари на „галските петли“, првиот го реализираше Пол Погба, а вториот тинејџерот Килијан Мбапе за 4:1 за Франција.

Триколорите тогаш веќе се видоа на тронот иако до крајот имаше уште повеќе од половина час игра. Меѓутоа, за да бидат фокусирани до крајот ги натера капитенот Уго Лорис. Искусниот голман проба да се поигра со Манџукиќ, но топката се одби од ногата на искусниот хрватски репрезентативец и заврши во мрежата, и тоа беше 4:2, што на среќа на Французите не се промени до крајот.

Од свечената ложа на стадионот „Лужњики“ финалето на Мундијалот го следеа домаќинот, претседателот на Русија, Владимир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ, и првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино.

Довидување до Катар 2022

Следното, 22 Светско првенство ќе се одигра во Катар 2022 година. Прв пат во историјата, натпреварувањето ќе биде одржано на крајот на годината, и тоа од 21 ноември до 18 декември. Причината за поместувањето на терминот е превисоката температура на воздухот во текот на јуни и јули кога вообичаено се игра Мундијалот.

Трамп им честиташе на Путин и на Франција

Претседателот на САД, Доналд Трамп, после финалето се огласи на Твитер.

„И честитам на Франција која играше прекрасен фудбал, на освојувањето на Светскиот куп. Исто така, честитки и за претседателот Путин и Русија на навистина величествената организација на турнирот, еден од најдобро направените досега.“

Освојувачи:

5 – Бразил (1958, 1962, 1970, 1994 и 2002)

4 – Германија (1954, 1974, 1990 и 2014)

4 – Италија (1934, 1938, 1982 и 2006)

2 – Аргентина (1978 и 1986)

2 – Уругвај (1930 и 1950)

2 – Франција (1998 и 2018)

1 – Англија (1966)

1 – Шпанија (2010)