Царовска: Реформите се итно потребни, концепцијата е современ систем на образование

Новата концепција треба итно да ја донесеме за да имаме период да подготвиме наставни програми. Таа предвидува современ систем на образование кој значи интегрирана педагогија што веќе 20 години ја има во најголем дел од развиените земји во светот. Обврска е и од Законот за основно образование, кој беше донесен минатата година, а и во Националната стратегија за развој на образованието 2018-2025 е јасно укажано дека основното образивание мора итно да се реформира–со интегрирање, промена на програми, нови содржини и нови наставни материјали, а учебникот да не се употребува како единствено средство за учење.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на седницата за пратенички прашања, посочувајќи дека за реформи во образованието се зборува 15 години, но не се прават чекори, и дека сите домашни и меѓунарпдни анализи покажуваат дека нашето образивание не ги дава потребните ефекти и учениците не поседуваат знаења за да се снаоѓаат во одредени ситуации, да донесуваат одлуки врз основа на аргументи.

Поразителни се фактите според кои сме на дното на листите на меѓунарпдни анализи, рече Царовска, како пример посочувајќи дека само 40 отсто од нашите второодделенци читаат со разбирање или решаваат математички задачи со текстуален дел. Таа најави дека во 2021 ќе има пилот-национално тестирање за да добиеме и своја анализа. Нацрт-концепцијата е подготвена од работна група која предложила, како што рече министерката, многу современ, македонски концепт на образование, кој првпат почнува од национални стандарди за образование зашто нашата држава никогаш не подготвила кои се резултатите од улење што секој ученик мора да ги има по завршување на деветтото одделение.

„Оваа концепција сега, усогласена со препораките од Советот на Европа и ОЕЦД, предвидува осум резултати по завршување на деветто одделение–резултати во јазична писменост, користење друг јазик, математика, природни науки, технологија, дигитална писменост, личен и социјален мразвој, демојратска култура и граѓанско претприемништво, уметничко изразување, култура и мултикултура“, рече Царовска, нагласувајќи дека пред се треба да се смени системот на фактографско учење зашто никаде во светот учениците не се насочуваат да учат факти од книгите, зашто се веќе лесно достапни, туку да истражуваат и анализираат.

Покрај ова, концепцијата предвидува, рече таа, и инклузивност, родова рамноправност и мултикултурализам и други воспитни вредности кои досега биле запоставени.

Според неа, концепцијата им овозможува и на наставниците поголема автономија и можност да одлучуваат, да ја дополнуваат и креативно да ја подобруваат наставната прорама, согласно со културата на живеење на нивните ученици.

Во истражување на нивното мислење, како што рече Царовска, 4160 наставници кажале дека сакаат да имаат многу поголема автономија. Таа повтори дека со концепцијата не само што нема да биде отпуштен ниту еден наставник, туку ќе имаат и дополнителни часови поради изборни предмети и воннаставни содржини кои ќе ги предаваат во училиштето. Нагласи дека покрај во учениците, се инвестира и во наставниците, зашто тие се, рече, срцето на образованието.

„Да не заборавиме, наставниците беа држени постојано на кратко ланче од претходната власт–на десет часа, пет часа, три часа, десет школи по еден час, се со цел да бидат присилени на следните избори да гласаат. Ние тоа го менуваме. Наставниците мора да имаат стабилна работа, да се чувствуваат сигурно и да имаат кариерен развој“, рече Царовска и во тој контекст соопшти дека Владата вчера на седница донела одлука за распределба на наставници ментори и утврдила буџет. Огласот ќе биде распишан во јануари и секоја општина ќе добие наставник ментор.
Нејзиното излагање беше одговор на прашање на пратеникот од СДСМ, Јован Митревски, кој порача дека реформите се потребни итно–„не утре, туку вчера“ и дека образованието треба да се гледа како систем, а не како проект.

„Затоа што мислиме на нешто што треба да продолжи во наредните десет, 15, 20 години, ако имаме заедничка и иста цел дека треба да создадеме квалитетен кадар. И странските инвесторири да не доаѓаат заради најевтина, туку за најквалитетна работна сила“, рече Митревски.