Цената на нафтата близу 17-месечниот максимум

Нафтата денес се тргува близу највисокото ниво од јули 2015 година, поради оптимизмот на инвеститорите дека Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и уште 11 производители надвор од тој нафтен картел ќе го исполнат ветувањето и ќе го намалат производството за да се елиминира презаситеноста од глобалната понуда.

Цените на нафтените фјучерси забележаа мали промени на тргувањето во Њујорк, после растот во текот на седумте, едно по друго, трговски сесии и вчерашното затворање на највисокото ниво од 2 јули 2015 година, известува агенцијата „Блумберг“.

Американската „лесна“ нафта WTI за испорака во февруари зајакна за 11 центи, на 54,01 долар за барел на трговската берза во Њујорк во 9,04 часот утрината по локално време. Цената на оваа нафта вчера скокна на затворањето за 88 центи, на 53,90 долари. Вкупниот обем на тргувањето беше околу 48 отсто под стодневниот просек.

nafta-1

Северноморската нафта „брент“ за февруарските испораки порасна за 30 центи, на 56,39 долари за барел на ICE европската берза на фјучерси во Лондон. „Брент“ вчера се искачи за 93 центи, запирајќи се на затворањето на котата од 56,09 долари. Терминските цени на северноморската нафта оваа година пораснаа за 51 отсто.

Венецуелскиот министер за нафта, Еухолио Дел Пињо, изјави вчеравечер на државната телевизија дека резервите на „црното злато“ би требало да се вратат во рамнотежа, а цените да се стабилизираат кога на сила ќе стапи договореното смалување на производството.

Цената на „брент“ нафтата, според неговите зборови, би требало да се стабилизира на ниво меѓу 60 и 70 долари за барел кога ќе се израмнотежат резервите.

nafta-111

Дел Пињо додаде дека Венецуела ќе го намали производството за 95.000 барели дневно почнувајќи од 1 јануари.
„Одборот за надзор составен од претставници на некои членки на ОПЕК и на други држави, што не се членки на
Организацијата, ќе се состане на 13 јануари за да провери дали земјите се придржуваат кон ветеното намалување на испораките“, изјави генералниот секретар на нафтениот картел, Мохамад Баркиндо.

Американските резерви на сирова нафта, според истражувањето на „Блумберг“, веројатно се намалени за 1,5 милиони барели минатата недела.

Американската управа за енергетски информации утре ќе ги објави своите податоци.