Цената на нафтата порасна трета недела по ред

LinkSense.mk

На светските берзи цените на нафтата пораснаа и минатата недела, трета по ред, бидејќи трговците се плашат од слабата понуда, иако поради забавувањето на економскиот раст може да ослаби и побарувачката.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 2,9 отсто, на 98,57 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапи за 4,7 отсто, на 92,60 долари.

Минатата недела пазарите балансираа меѓу стравувањата од рецесија и послабата побарувачка, после порастот на каматните стапки во САД и во еврозоната, и загриженоста дека претстојното ембарго на Европската унија за руската нафта дополнително ќе ја намали и онака недоволната понуда.

Забраната за увоз на руска нафта во Унијата треба да стапи на сила на 5 декември, а групата на најразвиените економии во светот, Г7, сè уште расправа за лимитот на цената на руската нафта, што сепак треба да остави простор за трговија со руски барели надвор од ЕУ.

Комерцијалните залихи во САД во исто време паѓаат, а Вашингтон склучи програма за продажба на нафта од стратешките резерви.

Дополнителна потпора за цените им пружа и послабиот долар, кој може дополнително да ја поттикне побарувачката бидејќи ја зајакнува куповната моќ на купувачите со други валути.

„Малата слабост на доларот и претстојната забрана за продажба на руската нафта секако ги поддржуваат цените и фокусот се префрла од стравот од рецесија кон тешкотиите во снабдувањето“, смета аналитичарот на ПВМ, Тамас Варга.

Поддршка за цената на нафтата даде и веста дека Кина би можела да ги олесни ограничувањата поврзани со политиката на нулта толеранција кон ковидот, што би го стимулирало растот на нејзината економија, а со тоа и побарувачката за нафта.

Бројот на случаи заразени со ковид-19 во Кина се искачи на највисоко ниво од август, но поранешен функционер за контрола на болеста рече дека Пекинг наскоро ќе направи значителни промени во својата политика за вирусот.

Од друга страна, производството на членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) падна во октомври, за прв пат од јуни, а картелот веќе црпи 1,36 милиони барели дневно помалку отколку што имаше зацртано.

Откако минатата година цените на нафтата скокнаа за повеќе од 50 отсто, благодарение на закрепнувањето на економиите од корона кризата, од почетокот на оваа година пораснаа за повеќе од 20 отсто, што најмногу е последица на војната во Украина.