Цените на гасот во Европа најниски од почетокот на војната во Украина

LinkSense.mk

Благата зима и добро исполнетите складишта за гас продолжуваат да ги намалуваат цените на овој енергенс во Европа.

Во холандскиот складишен центар ТТФ, изминативе денови цената на гасот драстично падна, а денеска е 73 евра за мегават час.

Ова е половина од пред еден месец и најмалку од почетокот на војната во Украина.

Цените на гасот почнаа значително да паѓаат кон средината на декември.

Ценовниот рекорд беше постигнат на крајот на август со речиси 346 евра за мегават час. Тогаш Русија забрзано почна да ги намалува или суспендира испораките кон членките на Европската унија.

Извозот на гас на рускиот енергетски гигант „Газпром“ во Унијата и Швајцарија минатата година е намален за 55 отсто, соопшти денеска компанијата.

Европа беше главниот извозен пазар на „Газпром“, но испораките беа драстично намалени поради санкциите против Русија по нејзиниот напад врз Украина кон крајот на февруари 2022 година.

Производството на гас на „Газпром“ лани беше намалено за 20 отсто во однос на претходната година. Тоа достигна 412,6 милијарди кубни метри.

Складиштата за гас се полни во Европа. На ниво на ЕУ моментално се пополнети 83%. Така, Европа е подобро подготвена за заострување на ситуацијата отколку во јануари минатата година, кога магацините беа полни само малку над половината, само 54 проценти.

Експертите предупредуваат дека со почетокот на студеното време условите ќе се влошат и цената на гасот повторно ќе почне да расте.

Конкуренцијата меѓу Европа и Азија за увоз на течен природен гас, исто така, може да ги зголеми цените.