Цените на гасот во Европа ќе се преполоват

LinkSense.mk

Европските земји ќе можат да го издржат намалувањето на извозот на рускиот гас бидејќи се чини дека проблемите со снабдувањето се решени, се вели во анализата на водечката американска инвестициска банка Голдман Сакс.

Банката наведува дека цената на гасот веројатно ќе се преполови оваа зима бидејќи членките на Европската унија успешно работеа на тоа да се избегне големиот недостиг на гас.

Голдман Сакс вчера извести дека смета оти европските големопродажни цени на природен гас ќе паднат од околу 215 евра на под 100 евра за мегават час до крајот на првиот квартал од следната година.

Европските земји побрзаа да ги наполнат своите складишта за гас пред зимата, откако рускиот Гаспром ја намали испораката, вклучително и онаа преку виталниот гасовод „Северен тек 1“. Огромната навалица за резервите ја подигна големопродажната цена на гасот. Гаспром овој месец го продолжи прекинот на протокот на гас низ гасоводот, без да прецизира во кој временски период тој повторно ќе биде покренат.

„Неодреденото намалување на извозот преку ‘Северен тек 1’ ја остава северозападна Европа без никаков руски гас. Иако сега најчесто се поставува прашањето како оваа ситуација ќе влијае на складирањето на гасот, подобро е да се праша каков ефект ќе има врз цените за да може складирањето да продолжи“, велат аналитичари од Голдман Сакс.

„Сепак, овој проблем Европа успешно го реши во текот на изминатата година, со комбинација на намалена побарувачка на гас внатре во Унијата и меѓу купувачите од други места во светот, што резултираше со натпросечно зголемување на резервите“, додаваат тие.

Аналитичарите очекуваат дека капацитетот за складирање ќе биде исполнет во просек до 90 проценти до крајот на октомври и ќе остане над 20 проценти полн до крајот на март следната година, пишува „Гардијан“.

„Веруваме дека сегашното брзање за намалување на побарувачката постепено ќе биде заменета со чувство на пазарно олеснување дека зимата се преживеа“, сметаат во Голден Сакс.

Вчера протече документ кој покажува дека ЕУ се откажува од воведувањето на горна граница на цената на рускиот гас, но дека продолжува со даноците на вишокот профит на енергетските компании.

 

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)