Цените на нафтата благо пораснаа

LinkSense.mk

На светските пазари цените на нафтата пораснаа минатата недела бидејќи трговците проценуваат дека зголемувањето на производството на ОПЕК нема да биде доволно со оглед на тоа што побарувачката треба да се зголеми, бидејќи Кина постепено ги укинува рестриктивните мерки за ковид.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 0,25 отсто, на 119,72 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 3,3 отсто на 118,87 долари.

Членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници минатата недела најавија дека во јули и август ќе го зголемат производството за 648.000 барели дневно, 200.000 повеќе од претходно планираното, за да го надоместат намаленото снабдување од Русија поради санкциите.

Имено, лидерите на Европската унија конечно постигнаа договор за забрана за увоз на руска нафта со бродови, која сочинува 90 отсто од вкупниот увоз. Тоа е најтешката санкција што Унијата и ја воведе на Москва од почетокот на руската инвазија на Украина кон крајот на февруари.

Увозот на сурова нафта постепено ќе се намалува во текот на шест месеци, а увозот на деривати во текот на осум месеци. Забраната нема да вклучува нафта испорачана преку гасоводите.

Бидејќи две третини од извозот на сурова нафта на Русија се испорачува преку море, ЕУ ќе мора да најде замена за околу 1,5 милиони барели нафта дневно. Количината што ‘недостасува“ всушност е меѓу 2,1 и 2,2 милиони барели дневно, затоа што Полска и Германија планираат до крајот на годината за го запрат купувањето нафта и од нафтоводите“, објаснува аналитичарот на „ПМВ“, Тамаш Варга.

И други аналитичари сметаат дека зголемувањето на производството на ОПЕК нема да го реши проблемот со слабата понуда. Дополнителен проблем е што во новата квота ја вклучува и Русија, и покрај намаленото производство и воздржаноста на купувачите, што упатува на заклучокот дека групацијата нема да успее на пазарот да ја испорача планираната количина.

ОПЕК+ најверојатно на пазарот ќе испорача значително помалку нафта од договореното, што значи дека нема да ја обезбеди посакуваната помош“, предвидува аналитичарот на Комерцбанк, Карстен Фрич.

Дотолку повеќе што се очекува јакнење на побарувачката откако Шангај и Пекинг минатата недела ги укинаа строгите мерки насочени кон борба против Ковид-19. Покрај тоа, кинеската влада најави поддршка за економијата со цел што поскоро да се опорави од последиците од строгите епидемиолошки ограничувања.

И покрај високата инфлација, побарувачката за нафта останува силна и во САД. На ова укажува податокот дека залихите на сурова нафта во САД минатата недела паднаа за 5,1 милиони барели, значително повеќе од очекуваното, а намалени се и резервите на бензин.

Откако минатата година пораснаа за повеќе од 50 отсто, благодарение на закрепнувањето на светската економија од кризата со корона, од почетокот на оваа година цените на нафтата, најмногу поради војната во Украина, скокнаа за околу 55 отсто.