На светските берзи цените на нафтата и минатата недела драстично паднаа, вторпат по ред, бидејќи забавувањето на растот на најголемите светски економии доведува до слабеење на побарувачката за енергенси.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела „потона“ за 8,7 отсто, на 87,62 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за речиси 10 отсто, на 80,08 долари.
Падот на цените е последица на забавувањето на растот на економијата, бидејќи како резултат на тоа слабее и побарувачката за нафта.
Трговците најмногу ги загрижува натамошното зголемување на бројот на заразени со ковид-19 во Кина, што ги потопи надежите дека најголемиот увозник на нафта во светот наскоро ќе ги укине сите ограничувања за корона вирусот и на тој начин ќе придонесе за раст на побарувачката на енергија.
Минатата недела, Пекинг и некои други големи градови известија за најголем број на нови инфекции од почетокот на пандемијата.
Поради рестриктивните мерки против ширењето на вирусот, растот на втората по големина економија во светот веќе подолго време забавува.
Се очекува и натамошно забавување на растот на американската економија, со оглед на тоа што тамошната централна банка, ФЕД, поради високата инфлација најавува дополнително зголемување на каматните стапки.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) минатата недела повторно ја намали својата проценка за растот на глобалната побарувачка на нафта во 2022 година, по петти пат од април, истакнувајќи ги ковид-19 во Кина, високата инфлација и зголемените каматни стапки во големите економии.
Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), пак, ја подигна прогнозата за раст на побарувачката оваа година и потсети дека на 5 декември стапува на сила ембаргото на ЕУ за увоз на руска нафта од бродови, што значи дека треба да се најде замена за околу 1,1 милиони барели нафта дневно.
Но, во 2023 година, растот на побарувачката треба да биде забавен поради неповолните економски трендови, проценува ИЕА.