Цените на нафтата паднаа втора недела по ред

LinkSense.mk

На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, втор пат по ред, бидејќи централните банки на западните земји ги зголемуваат каматните стапки, што ќе го забави растот на економиите, а со тоа и ќе ја ослабне побарувачката за „црното злато“. ‘.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се лизна за 1,6 отсто, на 91,35 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 1,9 отсто, на 85,11 долари.

Падот на цените, втора недела по ред, е главно последица на забавувањето на растот на глобалната економија, како што предупредиja Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.

За октомври ММФ најави ново намалување на проценките за растот на глобалната економија, откако веќе во јули ја намали проценката на 3,2 отсто оваа година, а на 2,9 отсто во следната.

„Некои земји во 2023 ќе паднат во рецесија, но се уште е рано да се каже дали ќе има глобална рецесија“, соопштија од ММФ.

Од Светска банка, пак, порачаа дека глобалната економија можеби оди кон рецесија, имајќи предвид дека централните банки во светот истовремено ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација.

„Трите најголеми светски економии – САД, Кина и Еврозоната – бележат нагло забавување на растот, а дури и еден умерен удар може да ја турне светската економија во рецесија“, соопшти Светската банка.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) предвидува дека побарувачката за нафта ќе стагнира во четвртиот квартал поради послабите изгледи за побарувачка во Кина.

А, централните банки на западните земји продолжуваат да ги зголемуваат каматните стапки за да ја спречат прекумерната инфлација.

Така, оваа недела се очекува дополнително зголемување на каматните стапки на американската централна банка, најверојатно за 0,75 процентни поени, трет пат во низа, а можеби и за цел процентен поен, со оглед на тоа што инфлациските притисоци во САД не се намалуваат значително.

Поради сето ова, досега во третиот квартал цените на нафтата паднаа за приближно 20 отсто, па се на пат кон најголемата квартална загуба од почетокот на кризата со корона во 2020 година.

Поддршката за цените пружаат сè послабите изгледи за успешно завршување на преговорите за иранската нуклеарна програма, што треба да го отвори патот за обновување на извозот на нафта од Иран.