Цените на нафтата паднаа под 85 долари

LinkSense.mk

Цените на нафтата денеска паднаа под 85 долари, затоа што трговците веста за ограничувањето на цената на руската нафта што ја разгледува Г7 ја толкуваа како сигнал за непречен извоз, што ја намали загриженоста за снабдувањето.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнево беше пониска за 77 центи отколку на вчерашното затворањео на тргувањето, и изнесуваше 84,65 долари.

Барелот денеска на американската берза се тргуваше по 36 центи пониска цена, по 77,58 долари. Вчера поевтини за 3,01 долар.

Пазарите вчера ги смири веста дека Г7 се подготвува да постави повисока ценовна граница за руската нафта од сегашните цени на пазарот, што доведе до смирување на загриженоста за снабдување.

Групата од седум најразвиени земји во светот ја разгледува можноста за ограничување на цената на руската нафта што се испорачува по море на 65 до 70 долари за барел, изјавил неименуван европски претставник.

Повисокиот лимит би можел да ја поттикне Русија да продолжи да продава нафта, што би го намалило ризикот од недоволно снабдување.

Кремљ, пак, денеска соопшти дека Русија не планира да испорачува нафта и гас на земјите кои поддржуваат ограничувања на цените, додавајќи дека ќе донесе конечна одлука по анализата на бројките.

Аналитичарите велат дека кога ќе се земе предвид оти Русија во моментов извезува нафта по цена пониска од предложената граница, може да се каже дека ценовната граница автоматски подразбира непречен руски извоз.

Некои индиски и кинески рафинери плаќаат пониска цена за брендот сурова нафта Урал, главниот извозен бренд на руската нафта, велат трговците.

Европската унија утре ќе ги продолжи разговорите за ограничување на цената, изјавија европски дипломати.

На цените влијаеше неочекувано силниот раст на резервите на бензин во САД минатата недела и построгите мерки за контрола на Ковид 19 во Кина.

Американските резерви на сурова нафта, пак, се намалија за 3,7 милиони барели, три пати повеќе отколку што прогнозираа аналитичарите во анкетата на Ројтерс.

Кина во средата го пријави својот најголем дневен број на случаи на лица заразени со Ковид-19 од почетокот на пандемијата и локалните власти ги заострија епидемиолошките мерки, што дополнително ја поттикна загриженоста на инвеститорите за економскиот раст и побарувачката за гориво.

Вниманието на пазарот, според тврдењето на четворица информирани извори, го привлекло и информацијата дека САД, наскоро, на нафтениот гигант Шеврон може да му одобрат проширување на работите во Венецуела и продажба на венецуелска нафта, откако владата и опозицијата во Каракас повторно ќе ги покренат политичките преговори.