Цените на нафтата паднаа, по три недели раст

LinkSense.mk

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 2,6 отсто, на 95,99 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 3,9 отсто, и чинеше 88,96 долари.

Падот на цените е последица на забавувањето на економскиот раст, бидејќи како резултат на тоа слабее и побарувачката за нафта.

Минатата недела беше објавено дека резервите на нафта во САД во претходната седмица пораснале за 3,9 милиони барели, достигнувајќи го највисокото ниво од јули 2021 година, а тоа укажува на слабеење на потрошувачката на Американците на горивото.

Од друга страна, поддршка на цените им пружа надежта на трговците дека побарувачката малку би можела да зајакне, по одлуката на кинеските власти да ги олеснат мерките насочени кон борба против Ковид-19.

Олеснувањето на ограничувањата вклучува скратување на карантинот за блиски контакти на болните и странските посетители на два дена и укинување на казната за авиокомпаниите кои носат заразени патници.

„Првите мали чекори кон олеснување на прописите кои ги објави кинеската влада овозможија раст на цените, иако тоа никако, според нашето мислење, не претставува отстапување од строгата политика на нулта толеранција кон ковид“, напишаа аналитичарите на „Комерцбанк“ во освртот на состојбата на пазарите.

А, пак, аналитичарите на „АНЗ Рисрч“ (ANZ Research) сметаат дека освен што одредбите за работа од дома имаат ограничена мобилност и намалена побарувачка за гориво, патувањата низ Кина се сè уште „пригушени“, бидејќи Кинезите сакаат да го избегнат ризикот да завршат во карантин.

Поттик на пазарот му даде и послабиот долар, затоа што ја прави нафтата поевтина за купувачите со други валути, што ја зголемува побарувачката.

Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела потона за речиси 4 отсто.

Потпора на цените им дава и скорешното стапување во сила на ембаргото на ЕУ за руската нафта, како и неодамнешната одлука на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините партнери за намалување на производството.

Откако минатата година цените на нафтата скокнаа за повеќе од 50 отсто, благодарение на закрепнувањето на економиите од корона кризата, од почетокот на оваа година пораснаа за околу 20 отсто, што најмногу е последица на војната во Украина.