Цените на нафтата под 98 долари, во фокусот е Кина

LinkSense.mk

Цените на суровата нафта се спуштија вчера на меѓународните пазари длабоко под 98 долари, под притисок од стравот од рецесија и влошување на пандемијата со ковид во најголемиот светски увозник Кина.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 31 цент пониска во однос на вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 97,61 долар.

А, пак, на американскиот пазар барелот се тргуваше по 50 центи пониска цена, по 97,29 долари.

Расположението на пазарот беше поправено во понеделникот со извештајот дека кинеските власти размислуваат за олеснување на строгите ограничувања насочени кон спречување на ширењето на ковид-19.

Но, повеќе кинески градови, вклучително и Гуангжу, повторно забележаа зголемен број нови случаи на инфекција со корона вирус, што ги намалува изгледите за олеснување на мерките.

Аналитичарите потсетуваат дека нултата толеранција на Кина кон новите бранови на инфекција со ковид, беше главната причина за значително намалената (прогноза) светска побарувачка на нафта минатиот месец, објавена од Меѓународната агенција за енергија.

Кон тоа треба да се додаде и дека лондонската берза, на која се продава „Брент“, нафта од Северното Море, го зголеми износот на депозит што брокерите ќе треба да го чуваат на своите сметки за купување на термински договори со рокови за испорака во следниот месец, за 4,92 отсто.

Пазарните учесници очекуваат и објавување на податоците за инфлацијата во САД во октомври, најавено за петок.

Американската централна банка повторно минатата недела ги зголеми каматните стапки за три четвртини процентен поен, за да ја спречи високата инфлација, што го поттикна стравот од глобална рецесија.

Значителен пад на цените беше запрен со стапувањето на сила на ембаргото на ЕУ за руската нафта. Во февруари ЕУ ќе го забрани и увозот на руски нафтени деривати.

Во посебен извештај, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) објави дека барел од нафтената кошничка на нејзините членки во понеделникот поскапе за 1,17 долари на 97,32 долари.